(ВИДЕО) Станковиќ: Обвинителството да утврди од каде и се на Станисављева милионите за влез во МПМ

Од:

Вработените во МПМ поради сериозните индиции за испумпување на големи суми на пари од фирмата како и намерното носење на МПМ во стечај бараат од Јавниот обвинител, УЈП, Трудова инспекција и Финансиската полиција детално да го истражат работењето на МПМ и трансакциите кои се спроведувале во фирмата.

– Бараме од обвинителот да излезе и да провери дали Медиа Принт Македонија свесно се турка во стечај, дали ова беше преодна фаза од нешто што се нарекува ослободување од вишокот луѓе, вели претседателот на синдикатот на Утрински весник, Љубиша Станковиќ.

Поминаа 48 часа откако беше објавен износот на платата на директорката на МПМ, Јана Станисављева која се уште ја нема демантирано оваа информација па според тоа за јавноста и вработените во МПМ останува да веруваат дека директорката примала месечна плата од 25 000 евра.

-Бараме да се отвори пред истражна постапка бидејќи станува симптоматична платата од 25 илјади евра во време кога 120 наши колеги остануваат на улица и во време кога се збори за лоша финансиска состојба, рече Станковиќ.

Како што изјави тој, на државниот обвинител и неговите подредени останува да утврдат дали преку разни договори и трансакции, од МПМ се испумпувани огромни суми на пари како и тоа од каде и се парите на директорката на МПМ, Јана Станисављева која дала влог од над милион евра за да стане третиот содружник во компанијата.

-Од Јавниот обвинител на Македонија, од Јавниот обвинител за организиран криминал и од скопската обвинителка очекуваме да утврдат од каде на госпоѓицата Јана Станисављева да влезе во МПМ со основачки влог од 1 милион и триста илјади евра и да стане третиот содружник во компанијата. Бараме не само од каде и се парите туку и потекло на истите со оглед на тоа дека Станисављева претходно била вработена во државна институција, вели Станковиќ.

Од сознанијата на вработените во МПМ, фирмата не само што не ги исплаќала месечните плати на новинарите, туку не биле подмирувани ниту давачките кон своите коминтенти.

-Имаме сознание дека во Телеком се должат милиони денари кои што не се плаќаат, а за волја на вистината на вработените им се одбиваат парите месечно за секој потрошен импулс, рече Станковиќ.

Претседателот на синдикатот на Утрински смета дека е апсурдно додека се бркаат луѓе од работа и се намалуваат плати да бидете финансиер на партија и сами на себе да си исплаќате милионски суми.

-Кога сте во лоша финансиска состојба, а во исто време сте и донатор на партија повторно се враќаме на апсурдот на Станисављева. Од една страна вие сте донатор како и самите на себе си исплаќате милионски суми, а од друга страна немате пари да ги финансирате основите работи, издавање на весници, рече Станковиќ.

Вработените се сомневаат дека со формирањето на новата фирма, Медиа принт ДООЕЛ, всушност се оди кон префрлање на движни и недвижни предмети во туѓа приватна фирма со што фирмата повторно се турка на некој начин да оди во стечај.

-Новата компанија, Медиа принт ДООЕЛ е формирана со влог од 5 илјади евра, овде се поставува прашањето дали таа компанија може да го издржи товарот на стотина луѓе кои се земени таму, основачкиот долг на МПМ е 3 милиони евра, а сепак не можеше да ги финансира вработените, вели Станковиќ.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Керим: Достапен сум за сите, па и за СЈО

Ана Ололовска

Керим и Станисављева недостапни за СЈО

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Керим по распитот во СЈО: Ќe кажеме се кога ќе дојде време

Ана Ололовска

Срѓан Керим пристигна на распит во СЈО

Ана Ололовска

Јана Станисављева пристигна на распит во СЈО

Ана Ололовска

Срѓан Керим и Јана Станисављева на распит во СЈО

Ана Ололовска