Европскиот младински форум (ЕМФ), најголемото претставничко тело на младите во Европа и Националниот младински совет на Македонија со заедничко соопштение ги осудуваат последните политички случувања и повредата на мирните и демократски процеси, како и вклучувањето на младите луѓе во нив.
– Ја изразуваме нашата загриженост што помеѓу луѓето кои насилно го изразуваа своето незадоволство се наоѓаа и млади луѓе. Ваквиот начин на изразување на незадовоство е спротивен на Европските демократски вредности. Дополнително ние ја поддржуваме слободата на здружување и слободата на говорот и бараме сите страни да се воздржат од секаков повик за насилство и говор на омраза, се вели во соопштението од Националниот младински совет.
Говорот на омраза и тензиите, се додава, достигнуваат невидени размери и во однос на тоа, младите како најранлива група се наоѓаат во многу тешка ситуација.
– Тековната политичка криза и нејзиното редовно или често ескалирање создаваат опасна средина за младите која го оневозможува нивното активно учество во општеството. Со цел да се избегнат идни тензии и одржување на благосостојбата на младите луѓе, ги повикуваме сите политичари итно да најдат решенија кои ќе ги одблокираат демократските процеси и ќе создадат услови за правилен и неопходен развој на младите луѓе, се нагласува во соопштението.