Јутарњи лист – Загреб
Репортерката на весникот Јутарњи лист го посети јапонското градче Машики, кое во девет месеци било погодено од дури 4222 земјотреси, од кои два биле застрашувачки разурнувачки.
Сочен е и убав ден и на прв поглед малото градче Машики на јапонскиот југозападен остров Кјушу, изгледа сосема нормално. Семејства се шетаат, повремено поминува некој со велосипед, продавниците работат, а на семафорите на зелено светло чекаат мали, за Јапонија типични коцкасти автомобили, „метални играчки” исклучително чисти на патиштата на јапонските градови, посебно во тие помалите.
Но, во тоа сосема вообичаено секојдневие се гледаат лузни. Додека се возиме низ Машики, повремено во очи ни паѓа заштита поставена околу скелиња со кои се заштитени некои куќи и згради. Исто така, на покривите на куќите често се гледаат огромни сини церади.
Тоа се знаци од земјотреси кои тоа градче, сместено во јапонската префектура Кумамото, било разурнато минатата година. Имено, Машики е една од најновите жртви на трусниот, непредвидлив јапонски терен, кој според некои статистики, годишно во просек го затресуваат дури 1500 земјотреси со различен интензитет и на различни подрачја.
Машики на удар се нашол во првата половина на минатата година.
Првиот удар кој подоцна ќе се нарече „пред удар” се случил на 14 април во четврток во 21.26 часот. Магнитудата на потресот била 6,5, а јачината на самиот земјотрес дури 7, најголема можна според „шинду” скалата на сеизмичкиот интензитет на Јапонската метеоролошка агенција.
Огромна штета
Колку и да бил силен, тоа било само почеток на ноќниот кошмар. Само по два дена подоцна, на 16 април во сабота, во еден ипол по полноќ, се случил главниот уште поразорен потрес, со магнитуда од 7,3 и повторно „седмица” според шинду. Но, дури ни тогаш, по главниот удар, тлото не се смирило. Од 14 април минатата година па до 11 јануари оваа година, Машики имал дури 4222 земјотреси. Од тој број, од нив дури 141 имале сеизмички интензитет четири и нагоре.
Штетата била огромна
Само во Машики загинале 34 лица, а со земја биле срамнети дури 2773 куќи.
Делумно биле уништени 3044, а делумно оштетени 4391, значи вкупно дури 10.208. Над 16.000 луѓе биле принудени да најдат засолниште, речиси половина од вкупното население на тој град, а од рушевините биле извлечени 40 лица.
Градоначалникот на Машики, Хиронори Нишимура во времето на првиот удар бил дома.
– По десет минути брзо отидов во кабинетот. Паркирав километар подалеку од кабинетот, на паркингот на супермаркетот и појдов кон кабинетот. Гледате пукнатини на патот, паднати далноводи и кабли како паѓаат и згради покрај патот како се рушат на асфалтот – се присетува тој.
Токму тоа искуство, доживување на „живо уништување”, влијаело на сите негови одлуки во деновите по земјотресите, меѓу другите и за одредување на локации за сместување на евакуираното население.
Вториот потрес, главниот удар го затекнал во самиот кабинет.
– Тогаш првпат почувствував страв од смрт – рече тој.
Мислел, ни призна, дека е доволно силен и дека е имун на такви работи. Но, се уште чувствува последици. Неодамна, во јануари, бил на одбележување на годишнина на разорниот земјотрес во Кобе, кој во 1995 година однел над 6000 животи. Тој и останатите поканети присуствувале на видео проекции и симулации на земјотресот. За него, со свежи рани, тоа било тешко искуство.
– Се ми се врати. Не можев тоа да го гледам. Подолго време мижев. Не можев да ги заборавам сите тие звуци на хеликоптерите, врисокот на луѓето секогаш кога имаше афтер шокови на тлото и лицата на луѓето замотани во ќебиња – ни зборуваше тој искрено.
Но, наспроти шокот, локалните власти немаа време за губење. Приоритет им беше, во што побрз рок да пружат на луѓето што понормален живот, во настанатиот хаос. Еден од начините беше и изградба на привремена сала во градот, која на луѓето стана симбол на заедништво, место каде се состануваат, зборуваат, се дружат и заедно јадат…
– Таа сала им даде светло на надеж. Реконструкцијата на градот почна токму од тука – ни рече Тошихиро Кумамија, директор на салата, додека седевме на една маса, опкружена со штандови и продавници. Белиот „ѕид” наспроти масата, наспроти дуќаните, беше испишан со пораки за поддршка на градот. На него малку подоцна ќе се запише и самиот јапонски министер за надворешни работи Фумио Кашида, кој тој ден дошол во официјална посета на градчето, да им се обрати на собраните „дека по патот видел големи штети и дека е потресен, но сепак со надеж бидејќи луѓето ги надминале тешкотиите”.
Евакуација
Тошихиро Кумамија во времето на земјотресот бил дома. Тој и сопругата вечерале.
– Тоа беше силен удар, од доле кон горе, а потоа почна да се тресе и вертикално и хоризонтално.
Во првите секунди не знаев што се случува. Ударот беше толку силен што снема струја. Се сокрив под масата, ништо не можев да направам – вели тој.
Откако тресењето се смири, излегол од дома. Нивните соседи исто така биле на патот. Помагал на луѓето да се засолнат на безбедно, а потоа кај еден сосед избил пожар. Веднаш се вклучил во гасењето и таму ја поминал цела ноќ.
За разлика од многу други мештани, тој и неговата сопруга не отишле во центарот за евакуација. Живееле во автомобилот.
– Мојата евакуација беше во автомобилот – ни рече тој.
Во привремената сала за евакуација која ја води, моментално работат 15 различни продавници. Иако планот е еден ден на тоа место да се основа постојан општествен центар, моментално целта е продавниците да се преселат на своите оригинални локации, колку што е можно. Од привремената сала ќе мора да се селат во октомври оваа година, кога таа ќе се затвори.
Една жена која била евакуирана во тој центар е Јуко, која таму работи. Инаку се омажила во Кумамото, соседен град со околу 700.000 луѓе, во кој жителите од Машики инаку патуваат поради работа. Како и сите и таа има своја приказна.
Во моментот на ударот била во Кумамото. Веднаш земала вода, светилка и останати потребни предмети и се упатила кон Машики за да помогне на роднините.
– Кога дојдов, тука беше хаос. Имаше штета и во Кумамото, но тука куќите беа срушени. Тоа беше ужасно искуство – вели таа.
Но, нејзината насмевка крие и страв и внимателност. Ја прашавме дали се плаши ако повторно има земјотрес, а таа одговори потврдно. Истото важи и за локалните власти, кои тврдат дека ја научиле лекцијата.
Имено, ни вели директорот на центарот, жителите на Машики воопшто не беа подготвени за таква катастрофа.
Во Токио, на пример, постојат Центри за превенција од катастрофи, каде жителите можат да дојдат на курс и да добијат низа совети што да направат во случај на земјотрес (и да научат некои корисни трикови, на пример да ги залепат папучите под масата или да ги обезбедат полиците и стаклата). Тие центри можат да послужат и како засолниште и во случај на најлошото.
Еден таков центар посетивме во текот на престојот во Токио и во тие симулатори имавме можност да го искусиме земјотресот од 2011 година, кој беше предизвикан од цунамито и меѓу другото, девастирањето на нуклеарната електрана во Фукушима. Траеше околу три минути и беше еден од најсилните кои до сега се забележани. Ние во симулаторот поминавме околу минута и пол, сосема доволно да се исплашиме…
Значи, за разлика од Токио, Машики не бил подготвен за земјотреси. Околното подрачје инаку е изложено на тајфуни и поплави и за таков вид на непогода се подготвени и како што велат редовно одржуваат вежби на таа тема. Но, за земјотрес не биле. Според најавите, тоа сега ќе се промени. Градот, ни вели градоначалникот, ќе учи од ова што се случи и своите сознанија ќе ги споделат со цела Јапонија и светот.
– Во декември објавивме нов план за обнова. Сакаме да ја преиспитаме катастрофата која не погоди, да ја ревидираме секоја наша постапка, што било добро, а што лошо и тоа да го објавиме на целиот свет како поука, бидејќи катастрофа може да се случи било каде и било кога и треба да се биде подготвен – вели градоначалникот Хиронори Нишимура.
Недостиг на пари
Обновата на градот веќе со месеци е во полн ек, но наидуваат на одредени проблеми. За реконструкција на градот потребни им се огромни средства, а поради интензивната изградба во Токио поради Олимписките игри, се соочуваат и со недостиг на градежници.
– Од сега па натаму за обнова ни требаат 135,5 милијарди јени. Од тие 27 милијарди ќе бидат наши локални средства. Но, годишниот буџет на градот е 11 милијарди јени и тоа е многу тешко за нас. Секако, секој жител претпре штета и се обидуваме да ја намалиме нивната загуба, но и да го намалиме нашиот трошок и затоа мораме да бараме пари од централната власт – тврди градоначалникот.
Одговорот на катастрофата тече во фази.
Во првите десет дена од земјотресот, снабдувањето со струја, вода и гас беше оневозможено, а постоеше опасност од рушење на самата зграда на локалната управа, што значеше дека локалните власти не можеа да ги спроведуваат вообичаените градски активности. Вработените пред се се ориентираа на помагање на лицата во засолништата и собираа податоци за штетата.
По таа прва фаза, почна транзициски период, т.е. време за подготовка за обнова. Воспоставени се четири посебни тимови – екипа за станбена поддршка, сертифицирање на жртвите, поддршка во засолништата и обнова на функциите на локалната управа. Во јули изработиле и основен план за реконструкција на градот, а истиот месец почнало и рушење и отстранување на куќи кои биле означени како целосно уништени.
Вкупно изградиле 1562 привремени станбени единици на 18 локации во градот. Во нив луѓето почнале да се вселуваат на 14 јули во 2016 година.
– Вкупно треба да остраниме околу 3000 куќи. Се предвидува дека тоа расчистување треба да заврши во март 2018 година. Во просек за уривање на секоја зграда треба до еден месец. Изработен е план уривањето да се прави на максимално 100 локации истовремено.
Досега се отстранети околу 60 отсто куќи кои беа предвидени за уривање – тврдат од локалната власт, кои врз основ на планот од јули, во декември изработиле сеопфатен план за реконструкција на Машики, според кој обновата на градот треба да трае 10 години.
Предвидуваат три фази: реставрација, „период на повторно раѓање” и период на развој.
– Основните начела се повторна изградба и стабилизација на животот на жителите, промоција на градот кој е отпорен на катастрофи, повторно раѓање на индустријата и стопанството. Целта е да се обнови градот во кој луѓето и понатаму ќе сакаат да живеат и кој ќе остане на идните генерации – велат од локалната власт.
Моментално во привремените, т.н. реконструкциски куќи се уште живеат 1162 семејства, а 1380 во изнајмени станови. Самата власт планира да изгради нови стнаови за 300 семејства.
Донации од поединци
Во соседниот град Кумамото, кон кој гравитира Машики, највидлив доказ за трагедијата е рушењето на тамошниот дворец, инаку гордост на градот, кој претрпел огромна штета. Иако во своите 400 години постоење, дворецот во Кумамото дури девет пати преживеал земјотрес, на овој силен земјотрес за жал не издржал.
Моментално е затворен за јавноста и се уште се испитува безбедноста на некои делови од комплексот.
Се проценува дека поправката ќе трае дури 20 години и дека ќе чини 63,4 милијарди јени. – Поголем дел од тој износ ќе го покрие владата, а остатокот од износот се средства од локалната влада и донации. Системот на донации веќе е воспоставен, а минималната донација е 10.000 јени (околу 90 долари).
Досега донирале околу 70.000 луѓе – ни вели Амита Татсуо, заменик директор на Центарот за истражување на дворецот на Кумамото и на економскиот и туристички кабинет на Кумамото, додека шетаме по патот кој е наоколу дворецот.
Неговите поединечни кули се држат, се чини благодарение само на чиста среќа, балансирајќи на само неколку големи камени блокови. Реставраторите почнале да ги острануваат камењата од кои биле соѕидани неговите ѕидини. Дел од блоковите се паднати по тревните површини и наоколу.
Токму тоа им е огромен проблем, каде да ги тргаат камењата и карпите, кои грижливо ги означуваат со цел дворецот да го обноват што по автентично – вели Татсуо.
Но, наспроти се што поминале, локалното население не се предава. Земјотресот ги зближил и ги направил посилни – тврдат самите.
– Луѓето по земјотресот долго беа депресивни, многу од нив изгубија се. Зборуваа дека немаат надеж, но поддршката која ја добија од целиот свет многумина ги охрабри. Почнаа да се радуваат на иднината и сега велиме дека луѓето можат да зајакнат и после се, без оглед на тоа колку штетата била голема – тврди директорот на центарот за евакуација во Машики.