Граѓанскиот центар за одржлив развој (ЕГРИ) од Крива Паланка денеска презентираше брошура насловена „Чекор по чекор до органско производство“ изработена во рамки на проектот „Произведувај органски-пакувај еколошки“.
„ЕГРИ“ е носител на проектот за развој на органско производство на подрачјето на Североисточниот плански регион и Ќустендилската област. Се спроведува во соработка со здружението „НИЕ – Независни, иновативни, единствени“ од Ќустендил со финансии од ИНТЕРЕГ ИПА Програмата на Европската унија за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.
– Покрај брошурата која ги содржи сите етапи на органско производство до пакување, изработивме и т.н буквар „А, Б, В“ за органско производство, кој ги опфаќа сите основни чекори за премин од традиционално во органско производство на храна и сертифицирање, согласно сите ЕУ-регулативи и прописи. Букварот ќе биде тријазичен, изготвувањето е во финална фаза, а се работи на преводот- информира Андриана Ивановска-Давитковска, проект-менаџер.
Направени се и посети и презентации во Бугарија, во Ќустендил, Сепарева Бања и Невестино, како и во Македонија, во Ранковце, Крива Паланка и Куманово.
– На овие настани преку промотивен материјал и информативни сесии локалното население беше запознаено со проектот, со цел да се пријават потенцијални кандидати за обуки кои ќе се одржат во претстојните месеци. Една обука ќе опфати тема-од идеја до реализација, со обуки за ЕУ фондови, постоечки национални фондови и проекти за бизнис планови, а другата „од нула до органско производство и сертификација“. Партнер-здружението „НИЕ“ ќе направи педолошко истражување во двата региона, додаде Ивановска-Давитковска.
Во наредниот период, како што најави, ќе посетатат земјоделци од двете подрачја на постоечки фарми и капацитети за огранско одгледување стока и живина, како и за органско производство на храна.