Органското производство може да биде поевтино од конвенционалното ако се применуваат адекватни искуства и техники, беше речено на денешниот завршен настан од проектот – јакнење на капацитетите на Мрежата за органско производство на Југоисточна Европа (SEEON).
Според учесниците на настанот, производителите треба да вложат повеќе труд и знаење за да ја направат органската храна што подостапна, бидејќи во регионот и натаму е предизвик платежната моќ на потрошувачите.
– Органското производство е поевтино од конвенционалното. Се работи само за недостиг на знаење како да се применат адекватните техники за да може да се произведе поевтино. Знаењето мора да биде локализирано. Тоа што се применува во Африка или Германија не значи дека може да биде успешно и тука, истакна извршниот директор во Федерацијата на производители на органски производи Горан Ангеловски.
Побарувачката на органското производство, рече, се зголемува зашто потрошувачите стануваат се посвесни за ваквиот начин на исхрана. Сличен е случајот и во Македонија.
– Свесноста кај македонските потрошувачи за бенефитите од органскиот начин на исхрана е се поголема, а во континуитет расте и бројот на органски производители, како и на сертицифираните површини под органско земјоделство. Секоја година имаме значителен, евидентен раст на органското производство. Во 2016 е зголемен и бројот на оператори, вкупно се евидентирани 533 производители, нагласи Валентина Митева од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од 2015 година, информира, субвенциите за органско градинарство во однос на конвенционалното се зголемени 100 отсто, за органско овоштарство и лозарство 70 проценти, додека за органското поледелство, сточарство и пчеларство вкупно 50 отсто.
Претседателот на Федерацијата на производители на органски производи Ѓорѓи Хаџикотаров смета дека се уште не е дојдено времето кога земјоделците ќе можат самостојно да ги пласираат органските производи како што е случај со конвенционалните. Затоа, стимул од државата е се уште потребен.
– Со оглед дека сме мали како држава, постојано работиме заедно со другите земји околу нас да најдеме начин за пласман на нашиот производ пошироко, не само во Македонија, посочи Хаџикотаров.
На завршниот настан беше промовирана и интернет платформата seeon.org за развој на органското производство во ЈИЕ преку размена на информации меѓу различните чинители. Платформата ќе овозможи секој производител да креира свој профил и со тоа да биде достапен на национално и регионално ниво. Ќе има и категорија потрошувачи со инфо за тоа каде може да се купи органска храна и по која цена, а предвиден е и т.н. органски советник со повеќе интернет алатки за самоедукација на земјоделците и со новини во секторот.