Германската партија „Левица“ ја обвинува Социјал Демократската Партија (СПД) за лошите резултати на левиот блок на изборите за покраинска влада во најмалата германска сојузна единица Сар каде што вчера победија Христијанските Демократи на канцеларката Меркел.
„Линке“ ги обвинуваат СПД и новиот лидер Мартин Шулц дека со својата неодредена кампања ги урнале очекувањата за левичарска влада во Сар каде овие две партии за две пратенички места не можат да формираат влада.
Еден од лидерите на „Левица“ Катја Кипиннг ја обвинува СПД дека водела конфузна кампања која што на гласачите не им го објаснила добро планот за лева владеачка коалиција. Според „Левицата“ СПД која е помал партнер во германската федерална влада намерно одбива да зборува за левичарска сојузна владина коалиција во која би влегле и „Зелените“ за да не ги расипе односите со ЦДУ/ЦСУ доколку Шулц по изборите во септември не успее да добие повеќе од половина од гласовите на изборите.
Дел од левичарските организации како „Младите социјалисти“ јавно го повикуваат Шулц да се откаже од нова голема коалиција затоа што социјално праведна политика не може да се води со ЦДУ на Меркел.
Со овие ставови се согласува и лидерката на крајно десничарската „Алтернатива за Германија“ Фрауке Петри која смета дека граѓаните на Сар ја избрале големата коалиција што значи дека избрале блокирање на земјата.
За лидерот на СПД Шулц која за три месеци како кандидат за канцелар на неговата партија успеа да ја надомести разликата од десетина поени што ја имаше ЦДУ, резултатот од изборите во Сар каде неговата партија освои 2 % помалку од последните избори се должи на популарноста на премиерката од редовите на ЦДУ Анегрет Крамп – Каренбауер, што нема да се преслика на изборите на сојузно ниво.