Германскиот федерален суд донесе пресуда со која се потврдува планираната депортација на двајца исламски екстремисти странски државјани, кои се родени во Германија и имаат право на германско државјанство.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, пресудата за присилна депортација на двајцата исламски радикали е донесена иако Судот не утврди докази дека тие извршиле терористички напад или друг вид на кривично дело.
Двајцата исламисти со алжирски и нигериски пасош, чии имиња не се соопштуваат беа уапсени во градот Гетинген минатиот месец откако истрагата на германската полиција утврди дека тие планирале терористичи напад.
При нивното апсење полицијата пронашла оружје за кое не им била потребна дозвола, но кое биле преправено за да може да користи вистинска муниција. При нивното апсење биле пронајдени и знамиња на Исламска држава и мачета.
Пресудата на федералниот суд доаѓа откако минатиот месец покраината Долна Саксонија донесе одлука да ги протера двајцата исламисти пред Велигден на што била поднесена жалба од сојузниот Административен суд, кој се противи на протерувањето на двајцата родени во Германија.
Според денешната пресуда, тие нема доживотно да бидат во можност да влезет легално во Германија.
– Ова е јасен сигнал за сите фанатици дека нема да попуштиме за ниту еден сантиметар пред нивните нечовечки планови. Можете да сметате дека максимално ќе ги искористиме сите можни средства што ги имаме на располагање. Целосно е неважно дали тие пораснале во земјава или во странство, изјави министерот за внатрешни работи на Долна Саксонија, Борис Писториус по објавувањето на пресудата.
Според обвиннителството, двајцата исламисти дискутирале како да извршат терористички напад, но немале конкретен план кој што сакале да го спроведат што сепак според судот е доволно да бидат протерани во земјите чии пасоши ги поседуваат.
Една од мерките што германската Влада ги спроведе по низата терористички напади што се случија во последниве дваесет месеци, а во кои беа инволвирани азиланти или баратели на азил, особено од нападот во Берлин во кој загинаа 12 луѓе, е да се засили процесот на депортација на лица кои што се дел од било какви радикални исламски мрежи.
Дел од потенцијалните сторители на тешки кривични дела согласно новите законски промени можат да ги загубат германското државјанство доколу се носители и на пасош на друга држава.