Норвешка, Данска и Шведска имаат највисоки цени на прехрамбени продукти во Европа, повеќе од 20 отсто повисоки од просекот во рамките на ЕУ, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Најевтина храна се продава во Бугарија, покажуваат податоците од статистиката што ја подготвија Еуростат и шведското Централно статистичко биро.
Норвешките и шведските цени на овошје, зеленчук и компири се највисоки во Европа. Но, што се однесува до Шведска, цените на риби, млеко, сирење и јајца се нешто пониски од ЕУ-просекот. Норвешка е најскапа европска земја кога станува збор за прехрамбени производи (освен рибите), кои се за 64 проценти поскапи од просекот во ЕУ.
Данска е на второ место со 36 проценти повисоки цени од просекот. Во однос на цените на алкохолните пијалоци, Норвешка има сосема специјално место во статистиката, со цени повисоки за дури 166 проценти од европскиот просек.
По Норвешка, на табелата следат Исланд, Финска и Шведска.
Освен во Бугарија, најниски цени на прехрамбените производи – 30 отсто пониски од европскиот просек – се присутни во Романија и Полска, а релативно евтина храна имаат и прибалтичките земји, Чешка и Унгарија. Холандија, Словенија, Грција и Велика Британија се блиску до ЕУ-просекот.