Звонко Танески за поетскиот ракопис „Нежност без гарантен лист“ е добитник на годинашнава награда „Бели мугри“ за млад автор до 35-годишна возраст, што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје.
Одлуката за наградата ја донесе жири во состав Бранко Цветкоски, претседател, Џабир Ахмети и Јованка Христовска, членови.
Од пристигнатите ракописи, како што информираат од Домот на културата „Кочо Рацин“, во потесен избор влегле ракописите со шифрите „Калин“, „За конкурс“ и „Ш“.
Наградата свечено ќе биде доделена на 20. овој месец на манифестацијата „Денови“, што установата ја организира традиционално и е посветена на раѓањето на поетот Кочо Рацин.