За „самовработување со грант“ досега 1.175 апликации

Од:

За мерката „Самовработување со добивање грант“ досега се поднесени над 1.175 пријави од невработени кои сакаат да почнат сопствен бизнис, за отворање бизнис со „кредитирање“ има 35 апликации, а за „практикантство“ над 700 пријави, информира директорката на скопскиот Центар за вработување Слободанка Алексовска.

При посетата на компанијата М-СТЕЕЛ ДОО Скопје во општина Гази Баба, корисник на мерките на Агенцијата, Алексовска оцени дека работодавачите имаат зголемена доверба кон овие мерки, а невработените сакаат да учествуваат во нив и да добијат соодветна обука и работа.

– М-СТЕЕЛ е пример за успешна компанија која преку мерката „Македонија вработува“ и „Млади до 29 години“ има вработено 11 од вкупно 43 работници. Преку „Македонија вработува 2“ досега се вработени над 5.080 лица, а заедно со Македонија вработува 1 и мерката за млади до 29 години, над 24.000 лица дошле до работно место, изјави Алексовска.

Извршниот директор на М-СТЕЕЛ Лук Слабинг најави дека планираат да го прошират производството и бројот на вработени да достигне 100.

– Пред две години почнавме со шест вработени, а сега веќе стасавме до 43 со помош на Владата. Имаме планови за натамошна експанзија на друга локација и да ангажираме 100 вработени во наредните пет години. Се надеваме да продолжиме со натамошна експанзија во општина Гази баба, изјави Слабинг.

Според градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, невработеноста во оваа општина за десет години е намалена за 57 проценти. Тоа, посочи, е благодарение на тоа што индустриските капацитети ги шират своите потенцијали, го зголемуваат бројот на вработени и се отвораат нови.

Како што информира Трајковски, во Гази Баба интензивно се работи на почнување постапка за лицитарање за градежно земјиште во новата индустриска зона во близина на Инџиково, а во завршна фаза е и на следната седница на Советот треба да биде усвоен деталниот план за комплексот „Рудници и железарница“. – Во комплексот има голем број фирми и има најава од една компанија во следните пет години да отвори нови 600 работни места. Веруваме дека уште годинава ќе почне со изградба, а следната година и да почне производството, изјави градоначалникот Трајковски.

Би можело да ве интересира

Тренинг за менторки во рамки на проектот за (само)вработување на самохрани мајки

Наум Локоски

Слаба реализацијата на проектите за самовработување

Наум Локоски

Самовработување за уште 400 невработени со грантови од 4.000 евра

Наум Локоски

Неповратни грантови од 4.000 евра за самовработување

Ана Ололовска

Нов оглас за активни мерки за самовработување и отворање нови работни места

Ана Ололовска

По 3.000 евра за отворање бизнис со самовработување

Ана Ололовска