Два инциденти во изминатите неколку месеци на нискобуџетната авиокомпанија „Рајнеар“ предизвикаа загриженост за безбедноста на овие авиопревозници, наведува италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Вчера непосредно по полетувањето на авион на авиокомпанијата од Пиза до Трапани, Италија, патник под засега непознати услови успеал да ја отвори вратата на авионот, да дојде до едно од крилата и да скокне на пистата, каде бил фатен од пожарникари и екипата на Брзата помош. Според лекарите, патникот бил психички нестабилен. Сепак, останува неразјаснето како успеал да ги мине мерките за безбедност.
Многу поголема несреќа е избегната на 23 септември од авион на истата компанија кој летал од Манчестер за германскиот аеродром Мемингем со 141 патник. Авионот за една бројка не се урнал при слетувањето поради преголема брзина на движење. Причина за инцидентот е грешка на пилотот при програмирањето на автоматскиот пилот.
Засега ирската компанија нема објавено официјални информации за овој случај, но германската Управа за истрага на авионски несреќи го опиша случајот како сериозен инцидент.