„Oдлуката на Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов да не го довери мандатот на кандидатот на партиите што имаат мнозинство во Собранието, претставува директно кршење на Уставот на РМ и е пречекорување на неговите уставни овластувања, а спротивно на волјата на граѓаните. Оваа одлука истовремено е директно негирање на волјата на мнозинството граѓани за формирање мнозинска политичка влада, со 67 мандати во Собранието.
Во својот говор Претседателот не даде ниту еден уставно-правен аргумент за ваквата одлука. Напротив, обраќајќи се единствено на дел од македонскиот народ поддржувачи на ДПМНЕ и исклучувајќи ги сите други граѓани, припадници на малцински етнички заедници во државата, говореше за фиктивна повреда на унитарноста и суверенитетот на државата, за заговори од странски држави и ја повика меѓународната заедница на воздржување од наводно, како тој видел – мешање во внатрешните работи на Македонија.
Хелсиншкиот комитет изразува загриженост дека со овој свој гест Претседателот има намера да ја продлабочи политичката криза во државата, додавајки и безбедносна и интеретничка опасна димензија. Тоа би можело да произведе ситуација на темелна загрозеност на човековите права на сите граѓани во Македонија во ситуација на длабока политичка и безбедносна криза.
Од тие причини, Хелсиншкиот комитет повикува на отповикување на оваа одлука на Претседателот, сè со цел за брз излез од политичката криза и влез во тешкиот реформски период кој и претстои на Македонија“ стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет.