Вработените во Македонски железници, кои протестираат со блокада на железничкиот сообраќај две недели, изутрина се сретнаа со в.д директорот на МЖ Транспорт Игор Коруноски, но се уште не е постигнат договор за прекин на протестот.
Според Коруноски, контактите со вработените ќе продолжат и се бара решение во текот на денов да се почне со работа.
– Повторно е понудено решението што беше претставено вчера, веднаш да се исплати првиот дел од јануарската плата и здравствено осигурување и да се почне со прибирање средства за вториот дел. Вработените бараат информација и гаранција за вториот дел од платата. Имаме контакти со вработените и се бара решение во текот на денот да се почне со работа, изјави за МИА Коруноски.
Ѓоко Илиески од Иницијативниот одбор за спроведување на протестот информира дека повторно им е претставено решението и оти по претпладневните разговори со раководството очекуваат нови информации попладне.
Поради протестот на вработените во МЖ 15 дена целосно е прекинат товарниот и патничкиот сообраќај во Македонија.
Коруноски вчера апелираше вработените да почнат со работа, посочувајќи дека само така ќе може да се исфактурираат парите за платата преку Министерството за транспорт и врски.