Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во врска со денешното соопштение на СДСМ дека ќе формира интервентен фонд од шест милиони евра помош за земјоделците при временски непогоди, посочува дека со толку малку пари не се решаваат проблемите на земјоделците.
– Очигледно дека СДСМ, сакајќи да покаже некаква идејност, на земјоделците им нуди суми извадени од ракав без никакви анализи кои не можат да покријат ниту една штета од временски непогоди, а камоли да им ја исплаќаат разликата од производната до продажната цена на сите земјоделски култури, наведуваат од МЗШВ во денешното соопштение.
Министерството за земјоделство минатата година, како што стои, обезбеди не шест туку 12 милиони евра само за покривање на штетите од временските непогоди и за разликата од производната до продажната цена на некои земјоделски култури.
– Значи ли тоа дека тие им нудат помалку пари од досегашните. На пример, само за штетите од временските неприлики во јануари 2015 година во 43 општини се исплатени 5,5 милиони евра. Лани за штетите направени во земјоделството во скопско, исплатени се 2,5 милиони евра. За покривањето на разликата од производната и пазарната цена на земјоделските култури, само за пченицата се обезбедија дополнителни четири милиони евра, за лозарството три милиони евра и за оризот дополнителни еден милион евра. Секоја година државата исплаќа над 1,5 милион евра за кофинансирање на полисите за осигурување на имотот. Стапката од 60 отсто за кофинансирањето е највисока во целиот регион и пошироко, соопшти МЗШВ.
На земјоделците, како што се истакнува, им се потребни средства кои ќе ги имаат на располагање во секое време и мерки за помош и развој на земјоделството.
– Токму тоа го имаат во изминатите години од Владата предводена од коалицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ, односно буџетските средства од 150 милиони евра и со 100 проценти покривање на проценетата штета од временските непогоди. На земјоделците им е потребна континуирана грижа, а не залажување со неефективни мерки со минимален фонд, стои во соопштението од МЗШВ.