Романскиот претседател Клаус Јоханис соопшти денеска дека во Уставниот суд поднел жалба за вонредната владина одлука за измени во Кривичниот кодекс.
Јоханис од Уставниот суд бара да се произнесе дали има правен конфликт од уставна природа меѓу владата, од една страна, и судскиот систем и Парламентот, од друга, пренесе Аџерпрес.
Јоханис изјавата ја даде во претседателската палата Котрочени.
Новата романска Влада во вторникот доцна вечера донесе извршна наредба и таа веднаш беше објавена во Службен весник, а во сила ќе влезе за 10 дена.
Измените им даваат можност на мноштво политичари да ги избегнат кривичните истраги за злоупотреба на службената положба и предизвикаа масовни протести низ цела земја, како и критики од меѓународните партнери на Романија.
Над 250.000 лица синоќа учествуваа во протестите во романската престолнина против измените на Кривичниот кодекс, а демонстрациите беа најголеми од падот на комунизмот во 1989 година.
За време на протестите избувнаа и судири, кои, според романските медиуми, биле предизвикани од фудбалски навивачи, кои за таа цел намерно биле доведени на демонстрациите.
Претседателот Јоханис денеска од министерот за внатрешни работи, Кармен Дан и од жандармеријата побара да објаснат „зошто насилните елементи биле оставени да растурат едни мирни демонстрации“, јави Аџерпрес.
Јоханис изјави дека е многу импресиониран од големината на протестите и од фактот дека Романците многу јасно покажаа што сакаат: правна држава, информира сајтот „Зиаре“.
По повод информациите што беа лиферувани меѓу романските медиуми за подготвената реорганизација на Националната дирекција за борба со корупцијата, претседателот Јоханис изјави: „Ви кажувам многу јасно и најмногу на владејачките партии: Подалеку рацете од Националната дирекција за борба со корупцијата!“, уште додаде Аџерпрес.
По истиот повод Министерството за правда посочи дека не планира реорганизација на Националната дирекција за борба со корупцијата и на Дирекцијата за истраги на кривичните дела од организираниот криминал и тероризам, пренесе Аџерпрес.