Романската влада доцна синоќа донесе декрет со кој што ја декриминализираше злоупотребата на службена положба.
Според декретот донесен синоќа во 3 по полноќ, секоја злоупотреба на службена положба за проневера на помалце 44.000 евра од јавните пари нема да има можност да се казни со мерка затвор.
Ова предизвика бурна реакција кај граѓаните на Романија кои денеска излегоа низ улиците во повеќе градови.
Тие сметаат дека овој закон е донесен по мерка на некои политичари кои би сакале да се спасат од одговорност за проневерите кои што ги имаат направено и дека претставува поткопување на Националниот директорат за анти-корупција.
Директоратот во изминативе три години има поднесено 1170 обвиненија за случаи кои ја оштетиле државната каса за преку 1 милијарда евра.
Лаура Ковеси, главната обвинителка на Националниот директорат смета дека овој декрет влијае врз една третина од нејзините обвиненија.
Против законот се произнесе и претседателот на Романија, Клаус Јоханис кој смета дека Владата го погребала владеењето на правото.
Според објавите на социјалните мрежи во Романија вечерва протестирале околу 300.000 луѓе, од кои 150.000 биле во Букурешт, а останатите низ другите градови од Романија.