Илјадници Романци излегоа на улиците во вторникот вечерта, откако Владата итно го донесе спорниот декрет, со кој се намалува казната за корупција, со која голем број политичари може да бидат поштедени од кривично гонење.
Во Букурешт демонстрантите се собрале пред седиштето на Владата, извикувајќи „Крадци!“ и повикувајќи за оставка на социјалдемократската Влада, која е на власт помалку од еден месец.
Според некои медиуми пред зградата на Владата се собраа повеќе од десет илјади луѓе на мошне ниски температури, додека илјадници луѓе се собраа и во градовите ширум земјата.
Протести се одржани во Клуж, Сибију, Темишвар и Јаши, јавија романските медиуми, а демонстрантите се разидоа без инциденти.
Протестите почнаа по објавувањето на вонредно донесениот декрет, со кој на голем број политичари може да им биде овозможено да го избегнат кривичното гонење.
Министерот за правда Флорин Јордаке го оправда декретот, кој го заобиколи Парламентот и ќе стапи во сила речиси автоматски, што е потребно „за законот да се усогласи со одлуките на Уставниот суд“.