Над 7.200 бизниси се отворени од 2007 година досега преку мерката Самовработување од кои преку 35 отсто ги почнале млади лица, додека преку проектот Македонија вработува 2 се вработени повеќе од 4.200 лица од кои над 2.600 млади, беше речено пред денешната конференција „Актуелни политики за младинско вработување на ЕУ и Република Македонија“.
Како што нагласи раководителот на Центарот за вработување – Скопје Слободанка Алексовска, кај младите треба да се поттикне претприемачкиот дух наместо да чекаат друг да ги вработи.
Младите, пак, бараат сихнронизирање на образованата програма со потребите на пазарот на трудот и мерки за кариерно советување во однос на нивните вештини, способности,…
– Последните десет години невработеноста во Скопје е намалена за 49,7 проценти, а вработеноста е зголемена за 39,8 отсто. Најбитен критериум за вработување е стручноста, амбициозноста и компетентноста, истакна Алексовска, одговорајќи на новинарски прашања пред конференцијата.
Македонија вработува 1, додаде, отвори вработувања за 18.900 лица, а Македонија вработува 2 за преку 4.200. Двата проекта беа иницирани со првиот законски проект „Вработување млади лица до 29 години“ кој на работодавците, потенцира, првпат им овозможи да вработат млади до 29 години, а да бидат ослободени од плаќање социјални придонеси и персонален данок на доход.
На прашањето зошто голем број млади ја напуштаат државата, Алексовска одговори дека глобализацијата е светски тренд.
– Затоа постојат сите овие мерки во Агенцијата за врабоување и мерките што ги презема Владата за младите лица. Верувам дека тие придонеле многу млади кои претходно не нашле работа, да останат тука, да обезбедат егзистенција за себе и за своето семејство, подвлече раководителката.
Според неа, се уште постои дефицит од стручен кадар во различни области, но посебно е евидентна потребата од оспособени лица кои ќе работат кај странските инвеститори, на најсовремените машини и технологија. Во оваа насока, на краток рок, се организираат обуки за преквалификување и доквалификување.
Конференцијата ја организираше коалицијата на младински организации СЕГА, а целта беше, како што информира извршниот директор Зоран Илиески, подобрување на ефективните мерки и политики за вработување на младите.