Педесет и тројца заинтересирани поединци се пријавиле на конкурсот за прв новинарски стартап натпревар во Македонија, кој ќе се одржува од денеска до 29 јануари во просториите на Сеавус инкубаторот во Скопје.
Носител на проектот е Фондацијата за дебата и едукација Идеа Југоисточна Европа – Скопје. Целна група на натпреварот се новинари, граѓански активисти, програмери, експерти за гејмификација и графички дизајнери кои ќе работат во тимови со цел да создадат интерактивна новинарска содржина.
– На конкурсот за овој триденвен натпревар се пријавија 53 заинтересирани поедници кои ќе можат во текот на викендот подобро да се запознаат и да формираат тимови, согласно замислените проекти и начин на изработка. Овие тимови ќе работат на изработка на идеи во три категории, соопшти организаторот.
Првата категорија е дигитално раскажување, каде се очекува учесниците да изработат новинарска сторија која користи текст, фотографија и видео за јавно презентирање преку веб-сајт. Втората категорија е интерактивна онлајн игра каде се очекува да се направи новинарска сторија преточена во онлајн игра за јавно презентирање преку веб-сајт. Третата категорија е развивање новинарски алатки кои во иднина ќе им помагаат на новинарите во пишувањето на нивните новинарски стории.
Во првите два дена од натпреварот учесниците ќе ги разработуваат идеите и ќе се формираат тимовите, а третиот ден пред жири ќе се презентираат идеите. Жирито ќе одлучи кој ќе биде победник во трите категории. Најдобрите идеи ќе добијат парични награди. Новинарските стории и проекти ќе бидат објавени на онлајн платформата одржувана од Фондацијата за дебата и едукација Идеа Југоисточна Европа Скопје www.storyincubator.mk.