Дојче веле – Берлин
Се движиме низ џунгла од информации. Од Фејсбук не бомбардираат мачиња, кучиња, па вести помешани со измислици и теории на заговори. Затворени сме во балон. Како да го промениме тоа.
– Зад сето тоа се крие една паметна глава, ова е слоган со кој еден германски весник ги врбува читателите. Тоа би значело: читањето на весници образува и така ја развивате способноста за расудување, што на граѓаните во едно демократско општество им е потребно за да учествуваат во донесувањето на политичките одлуки.
Претходната реченица во денешно време ја дели судбината со традиционалните медиуми; и едното и другото е во мода, колку што се и ѕвонарките меѓу панталоните. Слабо. Класичните медиуми ја изгубија водечката улога како извор на вести.
Агенцијата Ројтерс пред половина година во извештај потврди дека луѓето во меѓувреме повеќе се информираат преку Фејсбук, Твитер и други социјални платформи, отколку од весниците. Многу млади луѓе како примарен извор на информации, некои од нив и исклучиво, ги користат токму социјалните мрежи.
Проблематично е што ние на социјалните мрежи ги следиме луѓето кои се речиси со исто мислење како и ние самите. Многу студии тоа го потврдуваат: корисниците на медиумите пред се се наклонети да примаат информации кои одговараат на нивните убедувања.
Овој феномен е уште и засилен со алгоритмите на Гугл и Фејсбук. Бидејќи таму добиваме се повеќе и повеќе од тоа што го бараме и лајкуваме. Така целиот интернет станува филтер или пак инфомациски меур во кој гласно одѕвонува ехото на нашето сопствено мислење и убедување.
Додуша, меурот на некој начин од секогаш постоел и во класичните медиуми. На пример во Германија конзервативците го читаат весникот „Франкфуртер алемајне цајтунг“, социјалдемократите „Зидојче цајтунг“, а левичарите и зелените „Тагесцајтунг“. Но, овие весници сепак ги следат светите новинарски принципи – разделување на вестите од коментарите и давање збор и на другата страна.
Филтрирањето на информациите не мора да биде лошо. Бидејќи кога имаме поплава од вести, неопходни ни се методи со кои ќе го раздвоиме важното од неважното. Со појавата на граѓанското општество медиумите ја преземаа оваа улога. „Да се објават сите вести кои се вредни за објава“, денес стои на секое печатено издание на „Њујорк тајмс“. Што треба да значи, да се проверува релевантноста и вистинитоста на сите вести кои одат на печатење.
На Фејсбук од тоа нема ни трага. Таму медиумските извештаи, изразувањата на политичките ставови и теориите на заговори се целосно измешани, заедно со видео клипови на мачиња, кучиња и храна… Така лагите се шират со огромна брзина и имаат огромна моќ.
Во Вашингтон едно момче во ресторан пукало околу себе, бидејќи поверувало на лажна вест дека Хилари Клинтон од тој ресторан управувала со мрежа на детстка порнографија.
И уште нешто фундаментално се разликува од старите до новите медиуми: кога читам весници, трагата останува само во мојата корпа за смет. На Фејсбук оставам многу свои податоци. Неодамна е претставен компјутерски модел кој човекот го проценува и прогнозира според неговото однесување – само врз основ на тоа што лајкува на Фејсбук.
Само 70 лајкови се доволно едно лице да го запознаете подобро од неговиот пријател, со 150 подобро од родителите, а со 300 лајкови машината може подобро да го предвиди однесувањето на тоа лице отколку неговиот партнер.
Со тоа полесно стануваме предмет на манипулација. Колку ние во Германија бевме зачудени од контрадикторните предизборни ветувања и изјавите на Доналд Трамп. Но, што би било ако преку нашите Фејсбук профили го добиваме само тоа што и самите го поддржуваме без увид на другата страна? Со таква помош би можело да се воспостави тоталитарно општество кое може да сонува само за Хитлер и Сталин.
Според студијата на Универзитетот Стенфорд, веќе сега 80 отсто млади Американци на возраст од 12 и 13 години не можат да направат разлика меѓу вести и реклами. Ако не сакаме истото тоа да ни се случува и нам, тогаш мора да го подобриме медиумското образование на нашите деца.
Ние мора да им објасниме какви шанси, но и какви ризици постојат на мрежите. Ние исто така мора да ги разјасниме механизмите на ехо-собите и да покажеме со какви средства се служат десничарските извртувачи на вистината и како можат да се проверат фактите.
Местото на кое тоа мора да се случува е училиштето. Нам ни требаат подобри педагози кои се разбираат во социјалните мрежи. И за тоа ни се потребни места во наставната програма и план, па и по цена на тоа да мора да отпадне нешто друго.