Вооружениот напаѓач кој носел маица со натписот „Ѕвездени војни“ пукал на Терминалот 2 во зоната за прием на багажот на меѓународниот аеродром во летувалиштето Форт Лодердејл/Холивуд на Флорида и притоа убил пет и ранил уште тринаесет луѓе, соопштија во петокот официјални лица и очевидци.
Пет луѓе се убиени, а осум се ранети во овој инцидент, потврдил шерифот на округот Броувард, Скот Израел, за новинарите на импровизираната прес-конференција на аеродромот, пренесува Reuters.
Вооружениот маж допатувал со лет од Канада со пријавен пиштол во својата торба, објави комесарот на округот Броувард, Чип ЛаМарка на Twitter. Тој ја преземал својата торба и заминал во тоалетот за да го наполни пиштолот по што излегол и почнал да пука, додава ЛаМарка.
Напаѓачот не е повреден, бидејќи полицајците не истрелале ниеден куршум, изјави Израел, додавајќи дека е прерано да се зборува за мотивите за нападот.„Засега изгледа дека дејствувал сам“, смета Израел.
И покрај тоа, ситуацијата уште не е јасна, па полицијата го пребарува останатиот дел од аеродромот. Напаѓачот не изговорил ниеден збор додека пукал, носел маичка „Ѕвездени војни“, изјавија сведоци за телевизискиот канал MSNBC.
Напаѓачот е идентификуван како 26-годишниот Естебан Сантијаго и поседувал воени документи. Сантјаго е роден во Њу Џерси, и е припадник на американската Национална гарда, дознава NBC News.
Во интервјуто за телевизијата CNN сенаторот од сојузната држава Флорида, Бил Нелсон, потврди дека уапсениот за пукањето на аеродромот имал кај себе воени документи за идентификација на име Естебан Сантијаго.
„Тоа име е наведено во документот, но во моментов нема информации дали таа потврдa му припаѓа на тоа лице“, појасни Нелсон.
Телевизијата CNN објави дека „според некои извори, осомничениот имал контакти со Федералното биро за истраги“ (FBI), но не се додаваат други поединости.
Според телевизијата тој не долетал од Канада, туку од Алјаска. „Поседуваме информации дека тој на Флорида допатувал од Алјаска. Познато ни е, исто така, дека тој апсолутно легално при слетувањето го пријавил своето оружје, кое било на летот“, беше речено во извештајот на CNN.