Нецел месец по нападот во Берлин за кој одговорноста ја презеде Исламската држава лидерот на германските социјалдемократи и вицеканцелар Зигмар Габриел бара поостри мерки против исламистичките трендови во Германија.
Во интервју за весникот „Шпигел“ Габриел вели дека „мора да бидат забранети салафистичките џамии, да бидат разбиени радикалните групи а нивните проповедници да бидат протерани што е можно побрзо“.
„Тие што се потикннуваат насилство не можат да ја уживаат гарантираната религиозна слобода. Имам нула толеранција во битката против радикалниот исламизам“, вели Габриел , пренесува дописникот на МИА од Берлин.
Според Габриел Германија ќе ја покаже својата сериозност ако во битката против исламизот и тероризмот биде вклучена и битката за културните вредности. Во таа битка треба да се засили кохезијата во општеството и да се обезбеди дека „урбаните средини не се занемарени, селата не се распаѓаат и луѓето не стануваат се порадикални“, вели вицеканцеларот и министер за економија во германската сојузна влада.
Во интервјуто Габриел открива информација која што јасно поажува дека исламскиот радикализам не е проблем кој произлегува само од муслиманката заедница во Германија туку дека тој се вкоренува и во традиционалните германски семејства. Половина од следбениците на „Исламската држава“ кои што заминале да се борат во Сирија се Германци, често пати од семејства со двајца родители Германци, открива Габриел.