Македонски денови во Париз

Од:

Во аудиториумот на Францускиот национален институт за ориентални јазици и култури (ИНАЛКО) во Париз денеска се отворени Македонските денови, кои годинава се одржуваат на темата „Дваесет години независност – биланс и перспективи“, јави дописникот на МИА од Париз.

Организатор на оваа значајна научна средба за македонистиката е Катедрата за изучување на македонскиот јазик при ИНАЛКО, под раководство на професорката Фроса Пејоска-Бушро. Дводневниот колоквиум има за цел на академски начин да размислува за историјата на Република Македонија од нејзината независност до денес.

Учесниците на колоквиумот кои доаѓаат од Франција, Македонија, како и пошироко од Европа, ќе се обидат да направат повеќеслоен биланс за подобро разбирање на земјата, анализирајќи ја нејзината евро-атлантска интеграција, внатрешно-политичките случувања, односите во општеството, културата и јазикот, односно, ќе стане збор за теми за кои многу ретко се зборува во Франција и пошироко во Европа.

Колоквиумот се одржува непосредно пред декемврискиот самит на ЕУ, на кој треба да се одлучува за евентуален датум за почеток на преговорите за членство на Република Македонија.

Првите Македонски денови во ИНАЛКО се одржаа во 1996 година и нивен иницијатор беше професорката Фроса Пејоска-Бушро, раководител на Катедрата по македонски јазик во Институтот. Францускиот националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), попознат и под името „Лангуес О’“ е еден од најстарите научни институти во Франција. Создаден е од Колберт во 1669 година, а македонскиот јазик е еден од 93 јазици колку што се изучуваат на овој институт. Факултативната настава на македонскиот јазик започна во 1962, а од пред неколку години студентите можат да се стекнат со диплома за завршени мастер студии од областа на македонистиката.

Би можело да ве интересира

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје