За подобрување на економската состојба, прво потребна е политичка волја, а второ мора да се понесат одредени жртви. Ќе треба некој или сите ние по малку да ги стегаме забите за да создадеме платформа за поголем успех, вели професор Никола Поповски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Политичката нестабилност веќе долго време го окупира нашето внимание, а познавачите од економијата, луѓето од вашата фела ќе речат дека економијата бара предвидливи услови за работа и пред сè стабилност. Колку и на каков начин политичката криза ќе се одрази на економските текови?
Оваа постизборната криза или криза на одвојување на едно големо сфаќање дека само една економска опција е можна, половина практично од граѓаните не ја прифатија претставува криза, но истовремено претставува знак дека економскиот концепт може да се промени. Така што јас на оваа криза сега гледам продуктивно, затоа што другата опција беше продолжување на досегашниот модел кој базираше на постулати кои горе-доле се исцрпени и кои не даваа резултати. Да наброиме некој од нив. Значи преголем нагласок на јавниот сектор, преголема контрола на економските механизми од страна на владата, или потиснување на пазарниот механизам, контролата ја има власта, понатаму потпирање на туѓата акумулација.
Друг еден модел кој сега се доведе под прашање, се доведе изборно под прашање, е потрошувачката, односно каде ќе се одлеваат јавните средства. Значи луѓето веќе не даваат гласови само за тој модел. Оваа криза може да значи преиспитување на тој модел. Секакви разлики ќе мора да се балансираат, но и фискалната политика ќе треба да се стави под поголема контрола, тоа значи и прекумерните трошења, политиката на јавен долг под контрола па дури и јавната потрошувачка.
Овие денови слушнав еден нов израз за инвестициите, а тоа се идеолошки инвестиции кои заземале стотици милиони, ако не и милијарда евра од македонскиот буџет, за споменици, за архитектури на антика, за барок, значи тоа се идеолошки генерирани не за потребите за економијата и животот, туку за идеологијата. И тие веројатно ќе почне да ги снемува.
Јас очекувам кризата да помине релативно брзо и да се формира нова влада со нова економска позиција. Она што е сигурно е дека старата економска концепција која некде од 2007, 2008 наваму се спроведува, нема да опстане, а тоа е економска политика која ги преферира изборните резултати на Владата, а не определбата за долгорочна економија на населението.