Одбележување 25 години од творештвото на Горан Тренчовски

Од:

Одбележување 25 години од творештвото на Горан Тренчовски ќе се одржи вечер во Кинотеката на Македонија. За неговото творештво и за авторскиот печат кој го оставил зад себе, критички осврт ќе има писателот и публицист Гоце Ристовски.

Горан Тренчовски завршил интермедијална режија во декември 1991 година во Нови Сад и досега има плодно искуство како режисер и писател. Автор е на повеќе кратки и документарни филмови, театарски претстави, на долгометражниот филм „Златна петорка“, како и на неколку книги од областа на режијата и драмските уметности. Моментно го работи проектот „Џон Габриел Боркман“, а од неодамна е избран за доцент по режија на ЕФТА – Универзитетот за аудиовизуелни уметности во Скопје.

Во оваа филмска вечер ќе се прикажат „Златна петорка“ и „Игра и спас“ во режија на Тренчовски.

„Златна петорка“ е нов македонски долгометражен игран филм, кој за само неколку месеци го видоа близу 15.000 гледачи.

Приказната почнува меѓу верните другари Маки, Ката и Џиџи кои веруваат во своите младешки идеали. Во тој период на комунистички ликвидации, во 1951 година, се случува неразјаснето убиство на петмина прогресивни студенти. Половина век подоцна, Алавантие, како сведок и истражувач, се враќа во родниот град со копија од досието „Златна петорка“. Неговите тајни и сознанија внесуваат дополнителен немир во брачниот живот на веќе старите Ката и Џиџи. Во филмот провејува мотивот инспириран од вистинитиот настан за петтемина струмички студенти за кои УДБА водела досие под кодни имиња, нешто што долги години беше табу-тема кај нас. Во филмот играат врвни македонски актери, но и дебитанти, а во една од улогите како специјален гостин се појавува Славко Штимац.

„Игра и спас“ е краток игран филм чие дејствие се случува пред и по последните немири на векот, во филмска иконографија на еден фикционален свет составен од интимистички и хиперреални секвенци од животот на еден младич од периферијата. Глигор, навраќајќи се на драматичните сцени од своето минато, кога славата и возбудата биле единствената поткрепа за верба во времето што наближува – од пукотливите игри за стрелање птици, од нежните мигови со Марија, од туѓиот подбив и од бесмислените херојства – конечно на крајот излегува од тој апсурден обрач, како нов, пречистен и преобразен човек, посветен кон родното огниште и Божјото спасение. Во филмот игра доајенот на македонското актерство Зора Георгиева.

Организатори се Кинотеката на Македонија и продукцијата „Револушн“ од Скопје, кој е и продуцент на филмовите.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: СДС да не глуми загриженост за културата – тие ја претворија во партиска каса и платформа за криминал

Предраг Петровиќ

Презентиран тизерот за новиот хорор филм „Him“: Го продуцираше оскаровецот Џордан Пил

Предраг Петровиќ

Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Саем на книга 2025 – книгите се многу повеќе од зборови, тоа се мостови што поврзуваат луѓе, култури, идеи

МАНУ промовираше тритомно издание „Кочо Рацин“

Нови датуми за Глумците Пеат