Во Културниот центар во Нови Сад вечер премиерно ќе биде изведена драмата „9“ од македонскиот писател Гоце Ристовски, а во режија на Богдан Јанковиќ.
Во претставата улогите ги толкуваат Соња Лештар и Лазар Јованов, а драматург е Симон Грабовац. Сценограф и костимограф е Невена Вујасиновиќ, светло мајстор – Ладислав Селеши, секретар на проектот – Елза Вулетиќ, а организатор – Наташа Тополац. Преводот од македонски на српски јазик го направи поетесата Искра Пенева.
Според драматургот на проектот и истакнат српски писател и театарски деец, Симон Грабовац, дуодрамата „9“ е современо напишан текст, без класични поставки, кој нуди многу предизвици за инсценација.
– Пред се текстот на Гоце Ристовски на поширок план кореспондира со општо распространетото чувство на исчашеност од светот, чувство на преод од еден облик во друг, од реалното кон виртуалното, потенцира Грабовац.
Тој смета дека во текстот „9“ во основа се работи за театар во театар со три важни одредници: кон минатото, сегашноста и иднината.
– Актерот и актерката, кои играат брачна двојка или брачна двојка која проба претстава и/или играат некои улоги за да соопштат нешто за себе и светот битно се скучени. Прво, управата ги надгледува, а и ги оставила без никакви средства за „работа“, потоа со ласери ги прогонуваат „вонземјани“, а и реалноста премногу често продира во нивниот колку-толку издвоен простор. И, многу често сме во дилема дали тие навистина играат или се гледаат себеси како играат, истакна Грабовац. Додаде дека текстот има спирална структура, а секоја следна спирала може да биде од минатото, иднината или сегашноста.
Тој потенцира дека текстот е голем предизвик, како за режисерот, така и за актерите и за сценографот и костомографот.
– Големината на текстот е во тоа што не враќа или што не потсетува на нас и ни нуди предизвик да се соочиме со (ваквото) себе и (ваквиот) свет, истакна Симон Грабовац.