Регулативата за дронови е изготвена, но не може да биде донесена додека Собранието на Република Македонија не профункционира.
Како што информира Горан Јандреоски, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, станува збор за уредба која предвидува рестрикции во однос на местата на летање на дроновите, а прецизно се дефинира и процедурата за добивање документ за оперирање со дронови.
Регулативата укажува и што се е потребно да се направи пред оперирањето со дронот, каква проверка да се спроведе, да се посетува еднодневна обука за безбедност на летање во околина на аеродорм или влада, собрание, претседателска резиденција.
Предвидени се и казнени одредби ако уредбата не се почитува.
– Двапати објавивме повик во медиумите за учество при изработка на нова регулатива за дронови. Примивме многу позитивни коментари, ги сублимиравме, направивме конечен документ и го предадовме во Министерство за транспорт и врски, но за жал, Собранието не е во функција. Мора да почекаме додека не профункционира за да поминат сите законски чекори и регулативата да стапи во сила, информира Јандреоски на обуката со новинари во Струга.
Според него, Македонија ќе ги користи искуствата на Сингапур за контрола на летањето дронови.
– Во моментов потпишуваме меморандум со Ректоратот на УКИМ за соработка со Универзитетот во Сингапур, земја која разви модел за конторла на летање на дронови. Според тој модел, дроновите, независно чие производство се, се регистрираат и потоа, корисникот ја информира Контролата на летање за тоа кои се неговите фреквенции. Со добра програма за инвестирање може да се направи и мал надозерен центар за летање дронови. Таков ноу-хау постои и сакаме да го пренесеме тука, напомена Јандреоски.
Дроновите произведени од познати брендови во својот софтвер имаат точно одредени рестриктивни зони, сами знаат каде не смеат да летаат, но тоа не е случај со кинеските.