Во Романија денеска почна предизборната кампања за парламентарните избори кои ќе се одржат на 11 декември, пренесува БТА.
За 466 места во Парламентот ќе се борат 6.500 кандидати, од кои 4.251 за Претставничкиот Дом и 2.226 за Сенатот.
Централната изборна комисија соопшти дека 18.906,721 лица имаат право на глас.
Со најголема шанса за влез во новиот Парламент имаат кандидатите на Социјалдемократската партија, Национално-либералната партија, Алијансата на либералите и демократите, партијата „Народно движење“, Демократската унија на Унгарците во Романија и „Унијата за спас на Романија“. На изборите учествуваа и претставници на националните малцинства и независни кандидати, јавува ТАСС.
Гласачите ќе изберат 134 сенатори и 308 пратеници, како и 18 пратеници од националните малцинства. Романската дијаспора ќе биде претставена во идниот Парламент од двајца сенатори и четворица пратеници.
Парламентарните избори во Романија оваа година ќе бидат спроведени според ново законодавство. Првпат Романците кои живеат во странство ќе можат да гласаат по пошта. На избирачките места ќе бидат поставени камери за видео надѕор, а исто така е воведен и електронски систем за набљудување на гласањето, што ќе овозможи да се избегне еден ист гласач да го дава својот глас повеќе пати.
За организирање на изборите од буџетот на Романија се одвоени 227.7 милиони леи, односно 50, 6 милиони евра.
Во дијаспората гласањето веќе започна, затоа што Романците кои имаат постојано или привремено жителство во друга држава, а кои се впишани во Избирачкиот список, ги добиле гласачките листи по пошта, посочува Аџерпрес.