На дисперзираните студии на Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип, во Кавадарци денеска беа дарувани 23 крвни единици. Крв даруваа вработени и студенти, како и членови од кавадаречкиот Ротари клуб.
-Крводарителската акција беше реализирана од Општинската Организација на Црвениот крст од Кавадарци, заедно со Републичкиот институт за трансфузија од Скопје. Кавадарци отсекогаш е на врвот по број на доброволни крводарувања, на листата на хумани градови, рече Димитар Каракулев, претседател на кавадаречкиот Црвен крст.
За петок тој најави нова крводарителска акција, а крв ќе даруваат вработени во кавадаречката компанија “Алијанс уан”. Таму се очекуваат педесетина доброволни крводарувања.
До почетокот на овој месец, годинава се реализирани околу 1.200 крводарувања.
-Со тоа, веќе е остварен годишниот план за дарување на крв за општините Кавадарци и Росоман, кој изнесува 1.184 планирани крводарувања. Сите дополнително дарувани единици крв, ќе значат натфрлување на годишниот план. Очекуваме годината да ја завршиме со околу 1.500 дарувања на крв, нагласи Каракулев.