Пензионираниот електричар којшто држел во гаража околу 300 дела на сликарот Пабло Пикасо речиси 40 години, на денешното судење пред Апелациониот суд во Париз изјави дека го направил тоа бидејќи вдовицата на Пикасо сакала да ги сокрие сликите од неговиот син Клод.
Пјер Ле Генек кој беше осуден со неговата сопруга дека ги поседувал украдените добра, изјавил дека по смртта на Пикасо во 1973 година, вдовицата на Пикасо од него побарала да причува меѓу 15 и 17 слики коишто биле спакувани во кеси за ѓубре.
„Госпоѓа Жаклин Пикасо имала проблеми со Клод“, изјавил седумдесет и седумгодишниот човек, пренесува AFP.
Тој навел дека вдовицата по некое време ги зела кесите со слики, но дека му оставила една. Колекцијата, чија вредност се уште не проценета, содржи цртежи со жена и коњ, девет ретки колажи од фазата на кубизмот, од времето кога Пикасо работел со францускиот уметник Жорж Брак, како и слики од неговиот „син период“.
Останале интимни дела вклучувајќи го портретот на љубовницата на Пикасо, Фернанда, цртежи од неговата прва жена Олга и слики од неговите деца со коњи.
Овие дела настанале меѓу 1900 и 1932 година и се наоѓаат кај администраторот на наследството на Пикасо и неговиот син Клод Руиз – Пикасо.
Генек претходно сведочеше дека тој и неговата сопруга Даниел ги добиле делата во 1971 или 1972 година, додека сé уште Пикасо беше жив.
Нивниот адвокат Ерик Дупон Морети навел дека за оваа верзија на случувања слушнал пред неколку дена, а Генек изјавил дека не ја открил претходно вистината од страв дека со сопругата ќе бидат обвинети дека ги украле кесите со уметнички дела.
Генек и неговата сопруга првостепено се осудени во март 2015 година на две години затвор условно заради криење на делата на Пикасо, по што следеа жалби. Максимална казна за ова дело е пет години затвор и 375.000 евра или половина вредност од уметничките дела.