Во рамките на престижната книжевна стипендија „Литерарише колоквиум“ денеска во Берлин ќе биде претставена книгата „Преместен камен“, на Никола Маџиров во превод на германски јазик од Александер Зицман.
Престижната книжевна стипендија „Литерарише колоквиум“ на Маџиров му беше доделена за месец ноември, a вклучува месечен престој во вилата „Литерарише колоквиум“, која веќе половина век е собиралиште на светските автори.
Меѓу првите гости на вилата биле Гинтер Грас, Збигњев Херберт, Вознесенски, Ружевич, Ферлингети, Енценсбергер, а стипендисти биле и Ингеборг Бахман, Пазолини, Блох, Џон Штајнбек… Маџиров ќе чита заедно со еден од најпреведуваните полски поети од новата генерација, Тадеуш Дабровски.
За германската книга на Никола Маџиров критики веќе објавија неделникот „Шпигел“ и дневниот весник „Тагесшпигел“ кои ја споредија неговата поезија со онаа на нобеловецот Транстромер, како и весникот„Ди Цајт“ и националното германско радио.
Со ова читање се затвора сезоната на книжевни настани во „Литерарише колоквиум“ за 2012 година.