Во новата галерија „Борко Лазески“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше отворена изложбата на графики на уметникот Дијана Томиќ Радевска од Скопје.
Според Томиќ Радевска, публиката има можност да види 58 графики, а циклусот е инспириран од соработката со поетесата Дијана Петкова и со хаику поезјата.
– Циклусот е насловен „Приказни и кратки забелешки“. Потребата преку едноставноста и малите форми да се дојде до приказните не е нималку „едноставна“. Ме инспирираше хаику поезијата која со малку зборови сака да каже многу. Линорезот или дрворезот е макотрпна работа, сака време да се обликуваат малите форми но многу сум задоволна од ова што го постигнав, вели Томиќ Радевска.
Со оваа изложба, всушноаст се става во функција новата галерија во Центарот за култура која го носи името на еден од основоположниците на современото македонско сликарство – Борко Лазески.
Како што вели Марјан Стојаноски, од Центарот, чест е што галеријата го носи неговото име.
– Посебно задоволство е што овој галериски простор од 70-ина метри квадратни го носи името на големиот македонски сликар Борко Лазески. Тој е и прилепчанец и автор на Муралот кој е во Центарот и е поставен пред 25 години, вели Стојаноски.
Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ова е трет галериски простор.