Генералштабот на турската армија соопшти дека делегација од претставници на Турција и НАТО утре ќе започне истражувачки дејности на местото, каде би можело да бидат поставени системите за противракетна и противвоздушна одбрана „Патриот“.
Армијата потврди дека распоредувањето на овие системи е насочено единствено да реагира на евентуална закана од Сирија и е целосно одбранбена мерка.
– Не станува збор за воведување забранета зона за летови долж турско-сириската граница или за користење на ракетите за напад, нагласи Генералштабот.
Турција на 21 ноември испрати официјално барање до НАТО за распоредување на ракети „Патриот“ долж турско-сисриската граница со цел да се заштити националното воздушно пространство, поради заканите и ризиците за националната безбедност, кои произлегоа од кризата во Сирија. Алијансата соопшти дека „без одложување“ ќе го разгледа барањето.
Откако ќе биде завршена истражувачката дејност, ќе биде утврден и бројот на системите, кои ќе бидат инсталирани, како и на војниците, кои ќе бидат распоредени, се додава во соопштението.
Сирија го оцени барањето на Турција како „провокација“, а Русија смета дека ваков чекор може да ги зголеми ризиците во конфликтот.