„После последната анкета на т.н. Институт “Павел Шатев”, Форумот на слободоумни патриоти сака да ја искаже својата загриженост и да и укаже врхушката дека време е за вонреден партиски Конгрес и избор на ново раководство.
Иако т.н. Институт “Павел Шатев” е под целосна ваша контрола, сепак и во нивните т.н. анкети драстична е разликата во поддршката што ја имавте на изборите во 2011 година и тоа 38,98% и 2014 година и тоа 42,97%, со онаа која ја имате денес и тоа 25,9%. Оттука падот на рејтингот од 13,08% во споредба со 2011 година и 17,07% во споредба со 2014 година според нас значи дека вие веќе немате кредибилитет да бидете на чело на партијата и со вас партијата на следните предвремени парламентарни избори може да претрпи само пораз и ништо друго.
Ниедна матна и нечесна игра која ја играте во овој момент нема да ви помогне во намерата да го избегнете изборниот пораз. Тој може да се избегне само со ново раководство и нова партиска структура, нови луѓе кои немаат хипотеки и црно минато“, соопштуваат од Форум на слободоумни патриоти.