Членовите на градскикот совет на Париз, Давид Белиар, Ана Сујри и Жером Глеизес изработија предлог за „можноста на отворено место ограничена во рамките на зелените површини или пешачките зони во Париз да се практикува натуризмот“, јави дописникот на МИА од Париз.
За предлогот ќе се разговара во Советот на Париз во понеделник. Предложувачите наведуваат дека тоа е пракса во Минхен, во Барселона и во Берлин. Според нив, нудизмот исто така може да одговори на туристичката побарувачка.
– Франција е светски дестинација за нудистите: два милиони Германци, Британци, Холанѓани или Белгијци доаѓаат во Франција за да практикуваат нудизам, посочуваат предлагачите.
За Жак Фримон, потпретстедател на здружението за промоцијата на натурзимот во слобода, првите добитници на еден таков проект ќе бидат парижаните.
– Засега, практиката на натуризмот е резервирана само за оние кои имаат средства да одат во одморалишта или кампови. Но, многу луѓе не можат да одат, поради недостиг на финансиски средства и немаат место освен ако сакаат да стават костим за капење, посочи Фримон.
Во главниот град на Франција веќе има некои нудистички собири. Базенот Роже Ле Гал, во 12-от париски арондисман во Париз, се отвора три пати неделно навечер за нудисти и здруженија кои го приватизираат просторот за организирање на нудистички настани. За тоа се плаќаат најмалку 20 евра по учесник и секој не може да си го дозволи тоа.
Здружението на нудистите веќе има идеи за местата резервирани за нив, ако предлогот на еколозите биде прифатен, покрај булоњската шума и Вансен кои се „белите дробови“ на Париз, тие размислуваат и за паркот Доменил, каде од 2019 година ќе биде можно и да се плива.
Во Франција, да се биде гол во јавниот простор се смета, од страна на властите, како егзибиционизам. Сепак, практиката на натуризмот се соочува со нова преродба во Франција, со појавата на практики, како што се „прошетките во природа“, што привлекува се повеќе и повеќе пешаци, или настани како „велонудисти“, прошетки на велосипеди во поголемите градови во костумот на Адам и Ева.
Оваа година, на празникот на весникот „Хуманите” беше отвроен и нудистички штанд.
Членовите на асоцијацијата на нудистите се оптимисти за предлогот на еколозите.
– Овој предлог одговара на стремежот за слобода, благосостојба. Ако се одбие, тоа ќе биде многу лош сигнал за иднината на нашето општество, посочуваат нудистите.