Во отвореното студио „Арт Поинт – Гумно“ во село Слоештица, општина Демир Хисар, денеска од 13 до 18 часот ќе изложуваат уметниците Рози Њуман од Шкотска, Кимо Илонен од Финска, Дик Робертс од САД, Сашо Н. Алушевски и Сергеј Андреевски од Македонија.
Делата на уметниците се создадени за време на 15-та уметничка резиденција на Меѓународниот центар за уметност „Арт Поинт – Гумно“ во село Слоештица. Посетителите на т.н. отворено студио ќе имаат можност да разговараат со уметниците.
Рози Њуман доаѓа од Кромарти, Шкотска. Таа е сликарка, скулпторка, а се занимава и со филм. Предава на „Универзитетот на Хајленд и островите“ во Инвернес. Нејзината креација е процес што почнува со цртежи и фотографии кои произлегуваат од опкружувањето.
Кимо Илонен е скулптор кој живее и работи на островот Норската сместен близу југозападниот брег на Финска. Во своите дела, Илонен често користи природни материјали. За змејот што го креираше во Слоештица го одбра дабот – мошне ретко и скапоцено дрво на северот.
Сашо Н. Алушевски е фотограф, пријател на „Арт Поинт – Гумно“. Првенствено се занимава со уметничка фотографија. Изложувал и е добитник на многу награди во земјава и во странство. Најмногу истражува сценска фотографија и портрети. Како гостин на уметничката резиденција, тој ги портретира другите уметници и креира авторски фотографии.
Во галеријата на центарот, посетителите на отвореното студио ќе имаат можност да ја видат и изложбата „Лица“ на германската сликарка Герлинде Пистнер која гостуваше во Слоештица во текот на август.
Во рамки на оваа резиденција, американскиот уметник Дик Робертс (редовен гостин на „Арт Поинт – Гумно“) и Сергеј Андреевски, домаќинот, работно го обележуваат 20- годишниот јубилеј на креативна дружба.
Уметничката резиденција во Слоештица што почна на 10 септември, а ќе трае до 2 октомври и годинава делумно е поддржана од Министерството за култура.