Месните заедници кои функционираат во руралните средини бараат правен легитимитет. Нивните одлуки да бидат обврзувачки за општините и затоа и бараат да се направат измени на Законот со кои ќе можат да одлучуваат за важни прашања и самостојно да аплицираат за донации за решавање на инфраструктурни проблеми.
Ова се дел од заклучоците на претставниците на месните заедници во земјава, кои беа дел од проектот „Како да се подобри работата на Месните самоуправи во Македонија“, кој го реализира НВО „Цивика Мобилитас“.
Заклучоците и прирачникот за работа на месните заедници денеска беше промовиран во Штип пред претсавници на месните заедници од 11 општини од Источниот регион.
Претседателите на месните заедници од селата Пишица во Општина Пробиштип и Јакимово во Општина Виница , Мирче Герасимов и Венко Костадинов велат дека се задоволни од соработката со градоначалниците, но за да се решат одредени проблеми и барања во овие две инфраструктурни средини – села потребно е да функционираат како правен субјект.
– Многу е тешко да се функционира како месна заедница бидејќи немаме пари. Ние се самите финансираме за да функционираме и сметаме дека треба да се промени законот. Фондови за проекти има, а ние како месна заедница немаме досега аплицирано, бидејќи немаме право, вели Герасимов.
Костадинов посочи дека селото Јакимово е едно од првите урбанизирани села, со канализација, водовод, асфалтен пат.
– Имаме мали проблеми, како што се асфалтирање на улици, како што е во секое населено место, замена на азбестни цевки. Така да не се многу големи проблемите, но најголем проблем е тоа што месната заедница не може да функционира како правен субјект. Месната заедница функционира како да ви кажам, како боксерска вреќа меѓу градоначалникот и населението. Значи ние сме тие што сме тампон зоната меѓу власта и проблемите на граѓаните, вели Костадинов.
Александар Писарев од Центарот за стратегиски истражувања и документација „Форум“ вели дека без буџет, печати и правно регулирани месните заедници немаат никакви ингеренции, а нивните барања и ставови не се обврзувачки за една општина. Во прирачникот за месните заедници дадена е анализа како тие функционираат, но и на кој начин да го подобрат своето работење.
– Основен проблем кој ги мачи месните заедници е нерешен правен статус, тие немаат никаква правна легитимација. Значи не се правен субјект, немаат жиро-сметка, немаат печат. Тука владее една сива зона, има и едно цело поглавје посветено, каде што они употребуваат стари печати од минатиот систем или направиле нови. Каде е одредена колизија, одредени јавни претпријатија, државни институции бараат разно разни потврди од граѓаните да им ги издаде месната заедница, појасни Писарев.
Невладиниот сектор и претставниците на месните заедница најавија дека од наредната година ќе бараат да се донесат законски измени, со цел да функционираат како правен субјект. Анализите, прирачникот и барањата на месните заедници ќе бидат презентирани во сите региони во земјава.