Народната банка на Република Македонија денеска ќе промовира два информативно-едукативни филмови – „Народна банка – 70 години во служба на македонското општество“ и „Запознајте ја централната банка“.
Изработката на овие два филма е во рамки на активностите што Народната банка ги презема за одбележување на значајниот јубилеј 70 години централнобанкарски активности во Република Македонија.
Одбележувањето на јубилејот се одвива во текот на целата година, под мотото „Запознајте ја централната банка“ и има за цел да ја приближи Народната банка до пошироката јавност и да ја унапреди информираноста на граѓаните за доменот на делување на институцијата, нејзината улога и значењето во домашната економија. Во тој контекст е и изработката на овие два филма, со коишто Народната банка дава значаен придонес кон натамошно унапредување на нивото на финансиската едукација во земјата.
Како што соопшти НБРМ, со овој чекор, Народната банка станува дел од големото семејство на современи централни банки коишто во спроведувањето на својата едукативна функција, во голема мера, се потпираат на изработката на едукативни видеоматеријали.