Европратениците Поселт и Маковеј бараат почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ

Од:

Европратениците од групата на Народните партии Бернд Поселт (Германија) и Моника Маковеј (Романија) од говорницата на ЕП во Стразбур побараа да и се дозволи на Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

– Дијалогот на високо ниво со Македонија е нешто добро, но тој не може да го замени процесот на преговори за членство, рече Маковеј.

Според неа, Македонија треба да биде оценувана според нејзините резултати.

– Таа е земја која залужува, уште сега да ги започне преговорите за членство во ЕУ, нагласи романската европратеничка.

Германскиот европратеник Бернд Поселт од негова страна инсистираше дека не треба повторно да се одложува датумот за преговори за Република Македонија.

– Македонија има потреба од дијалог на високо ниво, добро е што тој беше отворен, но не смее уште еднаш годинава да не и се даде датум за преговори. Треба да и се стави крај на грчката блокада на оваа земја, истакна Поселт.

Ставовите ги истакнаа во објаснувањето на гласањето по резолуцијата посветена на  политиката и критериумите за проширување и стратегиските интереси на ЕУ во оваа област, предложена од грчката европратеничка Мариа Елени Копа.

Во резолуцијата која беше усвоена денеска во Стразбур со големо мнозинство, Европскиот парламент бара стриктно почитување на критериумите од Копенхаген и од Мадрид за капацитетот на земјите кандидати да ги спроведуваат практично процедурите и правилата на ЕУ. Притоа посебно се инсистира на капацитетите на ЕУ да прима нови земји членки.

Во резолуцијата јасно се вели дека билатералните проблеми треба да бидат решени пред членството во Унијата, тука пред се се мисли на територијални проблеми. Но, притоа треба да се земат во предвид и интересите и вредностите на ЕУ, а се предлага и механизам за арбитражно решавање на билатералните проблеми во рамките на ЕУ.

Вчера комесарот за проширување Штефан Филе за време на расправата нагласи дека билатералните спорови мораат да бидат решени пред потпишувањето на договорот за членство. И дека тој е подготвен со сите средства, преку преговори, арбитража, користење на судот од Хаг, да се решаваат овие билатерални прашања паралелно со процесот за преговорите за членство.

Македонија во резолуцијата се споменува само еднаш, како земја кандидат со која се води дијалог на високо ниво, процес кој добива позитивни оценки од европратениците, но притоа се бара тој да не ги замени формалните процедури за преговори.

Резолуцијата се однесува глобално на целиот процес на проширување и тој не ги опфаќа поединечно земјите кандидати, при што европратениците подвлекоа дека е од клучно значење претпристапните средствата да се трошат ефикасно, како и ставот на Европскиот парламент дека буџетот на ЕУ наменет за програмата за проширување не смее да биде помал од досегашниот.

Би можело да ве интересира

Пропадна првичниот план за Украина, ЕУ итно се обидува да смисли план „Б“

Вајц: Уставните измени се услов за напредок на македонскиот европски пат

(ВИДЕО) Филипче: Ако вака продолжиме ЕУ ќе не врати повторно на ниво на скрининг

Гаши: Ниту едно билатерално прашање не смее да биде пречка за напредокот кон ЕУ

Горан Наумовски

Закани за осум земји од ЕУ поради ризик од прекршување на фискалните правила

Горан Наумовски

Санкциите против Русија остануваат на сила, објави Урсула фон дер Лајен