Кал Крачлоу ги доживува своите најдобри денови во Мото ГП шампионатот, откако по сензационалната победа на трката во Чешка, денеска на извонреден начин и на влажна патека стигна до пол позицијата на домашната трка во Силверстоун.
Британецот успеа да ги израдува домашните фанови на трибините возејќи неверојатен летечки круг за влажни услови, кои едноставно не може да го следат ниту Валентино Роси, ниту Марк Маркез кој поради падот на две минути пред крајот падна дури на петтото место.
Покрај Крачлоу и Роси, од првиот стартен ред утре во Силверстоун ќе стартува уште Маверик Вињалес од Сузуки, додека Дани Педроса во својот последен обид успеа да оствари подобро време од својот тимски колега Маркез кого го потисна на петтото место.
Актуелниот лидер во генералниот пласман мораше да гледа како паѓа од третото на петтото место откако излета во првиот свиок на две минути пред крајот на квалификациите, во кои мора да се спомене дека уште еднаш лош на дожд беше Хорхе Лоренцо кој утре ќе стартува од деветтото место.