МПМ во медиумите кои ги поседува им дала на новинарите нови договори во кои новина е забраната да изнесуваат политички статуси на интернет, со цел новинарите јавно да не искажуваат симпатии кон политичка партија, дознава А1он.
Весниците слободно може да искажуваат политичка определба ама ние новинарите не смееме. Уште да ни кажат со кого треба да одиме во кревет, вели новинар вработен во МПМ.
Прво не укинаа како новинари, вели изворот, потоа не убија финансиски, а сега, пред избори, не убиваат и како личности, ни кажуваат како да мислиме во слободно време.
Во новите упатства се посочува дека новинарите не смеат да промовираат други медиуми на интернет, не смее да се фаќа политичка страна, да не се работи во слободно време за друг работодавач освен со писмено одобрение од компанијата. Оваа година повторно е продолжено намалувањето на платите, иако минатата година беше кажано дека ќе се преиспита одлуката и платите ќе се вратат на старо.
-Ова ќе почне да важи од 1 септември, и веројатно намената е за пред избори, вели изворот за А1он.