Премиерот Емил Димитриев упати честитка до началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски и до припадниците на Армијата по повод 18 Август, Денот на Армијата на Република Македонија.
– Ми претставува особена чест и задоволство да Ве поздравам и да Ви упатам срдечни честитки по повод 24-годишнината од формирањето на Армијата на независна и самостојна Република Македонија. Оваа година, чествувањето на 18 Август е целосно во духот на ангажираноста на Армијата за помош и поддршка на настраданите региони и жители од неодамнешните поплави во Република Македонија. Дозволете да ја искористам оваа прилика да Ви упатам искрени честитки за ваквиот Ваш ангажман, да ја искажам мојата лична благодарност и благодарноста на Владата на Република Македонија, се вели во честитката од Димитирев.
Овие денови, се нагласува, се денови во кои уште еднаш се потврдува дека Армијата е тука секогаш кога е најпотребно, секогаш кога народот има потреба од својата војска, а околностите налагаат ангажман на најподготвените чувари на мирот и спокојот на нашите граѓани. – Тоа не го може секој, тоа го можат само оние кои се одбрани и кои со срце и чест и служат на својата татковина. Вашата лојалност, пожртвуваност и посветеност за надминување на последиците од оваа природна непогода е од огромно значење во овој период. Бидете горди на таквата улога и секој граѓанин треба да биде горд и благодарен на припадниците на АРМ, се потенцира во честитката.
Се додава дека да се служи на својот народ и татковина е девиза која е нераскинливо врзана за целата наша историја како држава. – Така било и во илинденскиот период, така било и за време на многу други случаи во минатото, така беше и во 1992 година кога беше формирана македонската армија, а македонските војници беа повлечени за да бидат свои на своето, да служат на својата земја, да служат на својот народ. Од тогаш, па се до денес, поминаа 24 години во кои македонските војници во ниту еден момент не отстапија од оваа света функција. Нашата армија растеше и се развиваше како еден од основните столбови, врз кој се градеше и денес се развива нашата Држава. Македонија изгради добро обучена, моќна и силно почитувана армија, која во сиот изминат период беше извор на безбедност и стабилност, како во државата, така и во регионални и светски рамки. Во таквиот развој се вградија бројни генерации на старешини, генерали и војници. Честитки до секој од Вас. Вашите деца, Вашите внуци, Вашите семејства и Вие самите треба да сте горди на таквата историска улога, нагласува Димитриев во честитката до АРМ.