Од денеска, во Синѓелиќ ќе се работи и на санација на оштетената инфраструктура, односно ќе се санираат цевките во отворените канали и ќе се оформат премини преку каналите за да се овозможи нормално одвивање на сообраќајот.
-Денеска почнуваме со санација на цевките во отворените канали во Синѓелиќ и со санација на премините преку каналите за да овозможиме нормално одвивање на сообраќајот. Сакам да се заблагодарам на сите компании што донираа цевки и градежни машини и помогнаа во справувањето со последиците од поплавата. Се оспособува и улицата кон Камник. Можам да потврдам дека на терен веќе се гледаат резултатите од активностите за расчистување. Сметот и градежниот шут интензивно се расчистува со механизација, а улиците се мијат со цистерни. Во тек се и активностите за дезинфекција на домовите. Упатувам благодарност до моите колеги градоначалници што ни испратија цистерни и сакам да ги повикам и останатите градоначалниици што располагаат со ваква механизација да помогнат во овие кризни моменти за Скопје, рече градоначалникот Трајановски.
Трајановски додаде дека на терен се и проценителите на штетите од поплавата кои ги посетуваат погодените домови.
-Синѓелиќ го поделивме на 14 реони, а во секој реон на терен е по еден тим составен од по двајца војници, двајца претставници на локалните жители и еден комунален редар кои ги посетуваат жителите на Синѓелиќ и укажуваат во кој дел што е потребно, рече градоначалникот Коце Трајановски.