Еден рудар загина денеска при несреќа во рудникот за јаглен „Стара Јама“ во босанскиот град Зеница, објави електронското издание на бањалучкиот весник „Независне новине“.
Според весникот, рударот загинал при маневрирање со вагони.
Меѓутоа, претставник на рудникот изјави дека рударот не починал „поради пригмечување или повреда при работа, туку најверојатно од мозочен или срцев удар“.
– Она што го видовме на самото место упатува на мозочен или срцев удар, а не на несреќа при работа, изјави тој, додавајќи дека точните причини за смртта на рударот ќе се знаат по обдукцијата и полициската истрага.