Новинарските организации на денешниот состанок со раководството на СДСМ одбиле да учествуваат во консултациите за ад хок телото и во изборот на главен уредник на МТВ, објави „Мета“.
Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска разговарала со претставници на Советот на етика во медиумите (СЕМ), Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) за начинот и концептот на изборот на член во ад хок телото и главен уредник на радиодифузниот сервис. На разговорите биле повикани претставници и од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), но тие не биле присутни на состанокот.
Како што дознава „Мета“, овие организации одбиле да учествуваат во формирањето на ад хок тело, со образложение дека така нема да се реши проблемот со медиумите. Од Советот за етика за „Мета“ велат дека за имиња не станало збор и дека партијата не сакала да разговара за тоа, туку за начинот на избор на членови и принципиелноста при постапката.
Насер Селмани од ЗНМ, по обелоденувањето на договорот на четирите партии во кои стои дека ќе се формира тело за контрола на медиумите, на прес-конференција рече дека не поддржува ваква идеја и нема да учествува во неговото формирање.
– Сто дена пред избори ќе имаме институции растргнати меѓу партиските интереси и влијание. Ад хок партиското тело во рамките на Агенцијата за медиуми е неприфатливо за нас. Единствено решение е избор на нов Совет на агенцијата каде ќе се изберат независни и стручни лица. Затоа ЗНМ нема да учествува во партиските консултации за фомирање на ова тело, затоа што не сакаме да легитимираме неодржливи партиски решенија кои нема да бидат во интерес на новинарите. Секоја друга можност што ќе ја имаме ќе алармираме и ќе ја информираме јавноста дека тие решенија се неприфатливи – изјави Селмани.
Според информации од СДСМ, за овие функции се пријавиле 28 кандидати.
Ад хок телото, кое ќе работи до крајот на предвремените избори, треба да има пет члена.
Секоја од четирите партии предлага свој претставник, а потоа тие со консензус треба да го изберат петтиот член. Според договорот, еден член од ова тело задолжително треба да биде Албанец.
Краен рок за формирање на ад хок телото е 19 август.