На двете традиционални крводарителски акции кои по повод големиот празник Илинден ги организираше општинската организација на Црвен Крст од Крива Паланка денеска беа собрани вкупно 63 единици крв.
Се одржаа акции во селата Трново и Петралица каде по повод свети Илија се организираат и големи народни собири.
-Во Трново се собрани 29, додека во Петралица, општина Ранковце беа собрани 34 единици крв. Вкупно денеска се собрани 63 крвни единици и заедно со досегашните, 566 нашата општинска организација досега собра 629 единици крв, што значи дека Годишниот план за крводарувања е реализиран речиси 90 отсто, истакна Дарко Пешовски, секретар на ОО Црвен Крст, Крива Паланка.
Пешовски информира дека ова се две акции од вкупно планираните пет за месец август. -Овој месец се организираат најмногу акции, покрај денешните, веќе на 8 август ќе се одржи во село Радибуш, на 14 во село Герман и традиционалната, празнична, на Пресвета Богородица, на 28 август која се одржува секоја година во манастирскито комплекс св.Јоаким Осоговски, додаде Пешовски.
Акциите се реализираат во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, а од ОО Црвен Крст Крива Паланка ги најавија и големиот младински камп кој ќе се одржи од 7 до 10 август во Трново, како и кампот за обука на тимот за одговор и дејствување при катастрофи на 6 и 7 август.