Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун тврди дека водата достапна во Пјонгјанг има посебни квалитети, а неговиот портпарол нагласува дека со неа се лекува рак и се „одложува староста“, објави британски „Мирор“.
Според него благодарение на водата што извира во планините во близина на главниот град и која придонесува за зголемување на енергија, работниците во Северна Кореја може да работат додека не наполнат 90 години.
Во тек е обработка заради флаширање за да може тој „специјален еликсир“ да се најде во продажба и „да спречува рак и стареење“ на народот. Селаните староседелци ја викаат „чиста вода“, која дава мистична енергија. Многу луѓе постари од 90 години се се уште здрави и работат.
Истражувачи откриле дека водата содржи помали молекули кои може да продрат до сите делови од организмот. Таквата вода треба брзо да се испие за да се засили метаболизмот на клетките и да функционира како антиоксиданс. Со тоа ќе спречува стареење и појава на рак, се вели во официјално соопштение објавено од властите по анализи на квалитетот на водата.
Во него се додава дека геолози и други официјални лица се уште не измериле точна количина на вода од тој извор, но „водата од тој извор никогаш не исчезнува“.
Научници од Пјонгјанг тврдат дека имаат повеќе од 50 различни терапии против рак.
Таа информација ја пренеле и севернокорејски медиуми наведувајќи дека сите третмани се „составени од делови на медицински материјал кој не создава зависност, но немаат ниту несакани ефекти“ и оти тие го подобруваат имунитет и целосното здравје на организмот.
Покрај „волшебниот еликсир“, Ким Џонг-ун своевремено напиша шест опери за две години од кои „сите се подобри од која било дотогаш создадена во историјата на музиката“. Напишал и 1.500 книги за време на студиите, објави „Мирор“.