Во непосредна близина на недовршена православана црква во Приштина, денеска почнаа ископувања поради сомнеж дека на тоа место се наоѓа масовна гробница на жртви, убиени за време на војната во 1999 година во Косово.
Обвинителот Елез Блакај за приштинските медиуми изјави дека ископувањата почнале по наредба на Специјалното обвинителство на Косово.
Според него, постојат стравувања дека на неколку места во универзитетскиот град има неколку масовни гробници и тие ќе се ископуваат една по една.
Директорот на Одделот за судска медицина на Министерството за правда на Косово, Арсим Гарџалиу, изјави дека постојат стравувања дека во овие места се закопани жртви од албанска националност.
Ископувањето, според медиумите, се следи и од претставници на делегацијата за исчезнати лица на српската влада.