По инцидентите меѓу навивачите и безбедносните сили кои избија во близината на навивачката зона во Париз вчеравечер, се уапсени педесетина лица, јавува дописникот на МИА од Париз.
Инцидентите во близина на Ајфелова кула избија кога навивачите се обиделе да влезат во веќе преполната навивачка зона, затворена во 19 часот, откако таму се најдоа над 90.000 гледачи. Некои од навивачите започнаа да фрлаат проектили, да палат контејнери, скутери и автомобил. Полицијата им се спротивстави со солзавец и водени топови. Според полицијата возилата биле нападнати од страна на толпата незадоволни навивачи. Во паника, возачот на едно од овие возила прегази две лица, од кои едно беше хоспитализирано.
Ситуацијата подоцна се смири, а португалските навивачи на Шанзелизе долго во ноќта ја славеа победата на својот национален тим (1-0).
Според полицијата на Париз, биле искршени два излози на почетокот на ноќта, но се помина во голема мера празнично.
– Некои од апсењата, беа во близина на „Стад де Франс“ во северните предградија на Париз, за навреди, деградација или забрането продавање, се вели од полицијата.
Исто така, во Лион, девет лица беа ставени во притвор во текот на ноќта поради насилство, бес, огномет притвор или за спречување на интервенција на спасувачките екипи. Според истиот извор, еден полицаец беше полесно повреден од фрлена лименка.