Најдобро рангираниот македонски тенисер –во моментов Томислав Јотовски не успеа да обезбеди пласман во финалето на ИТФ фјучрс турнирот во Скопје вреден 10.000 долари, што се одржува на терените на „Тенис парк“ крај СЦ „Јане Сандански’’.
Јотовски во полуфиналето загуби убедливо во два сета од Кристијан Месарош од Хрватска. Во мечот кој траеше само 1 час и 12 минути Јотовски не успеа да освои ниту еден гем односно ги загуби двата сета со 6:0.
Кој ќе биде противник на Хрватот, Месарош во финалето ќе биде познато по одигрувањето на вториот полуфинален меч, кој е во тек, а во кој нашиот тенисер Димитар Грабул веќе има предност од 1:0 против првиот носител на овој турнир Кристофер О‘Конел од Австралија.
Јотовски пак заедно со својот партнер Лазов од Бугарија, кои победија на првиот скопски фјучрс, ќе имаат шанса да го повторат успехот од пред една седмица, доколку до добијат полуфиналениот меч против хрватската двојка Домагој Биљешко и Бома Гојо.
Овој дуел според програмата предвидено е да започне од 18 часот.